Sunday, May 31, 2015

Граѓани од "сребрениот род"

Велат, немој да одиш сине во друга држава, немој да одиш далеку од овој дом, зарем сакаш таму да бидеш граѓанин од втор ред?
Зарем сакаш таму да бидеш никој и ништо, никогаш да не видиш бел ден, дури пред тебе ќе го гледаш населението од прв ред како живее на "висока нога", како на лесен начин ги задоволуваат своите потреби. Немој да одиш таму, па знаеш ли ти колку е тешко да живееш сам, колку е тешко да се снајдеш во друга држава? -Вистина е, тешко е секогаш кога си отфрлен, угнетен и запустен. Тешко е кога си странец и во друга и во сопствена држава.
Ќе почнам по ред..
Кога си во Македонија повторно има моменти кога си граѓанин од втор ред.

Прво, основната етничка поделеност во оваа земја (владење според национални чувства), каде што секогаш постојат граѓани од прв и од втор ред во таков случај (пр. при добивање работно место; секогаш подобра работна позиција добива оној кој е иста националност или припадник на иста група или заедница со шефот, работодавецот, министерот итн.)

Второ, партиската поделеност го гуши животот на граѓаните. Во овој случај, секогаш додека постои "позиција-опозиција" и додека на непосредни избори со изгласување мнозинство од страна на народот, доаѓа на власт една партија која е во "позиција". Граѓаните кои ги покажале своите симпатии кон "опозицијата" или кон помала партија (макар и да коалицира со владејачката), тие воедно стануваат граѓани од втор ред.
Полошо е за оние кои воопшто не зеле учество во изборниот циклус и не гласале за ниедна партија. Таквите граѓани се додека не гласаат на избори иако може да покажуваат симпатии кон една партија, осудени се во целиот тој период да бидат етикетирани како "опозиција". Повторно и таквите граѓани кои не биле политички филтрирани, заедно со гласачите на опозицијата се граѓани од втор ред. Оние кои се во позиција се чукаат во гради сметајќи дека, штом го дале гласот за владејачката партија и таа дур е на власт, тие слободно можат да живеат како деспоти. Таквото добивање сила кај оние што го дале гласот за "позицијата" доведува до правење поделби меѓу населението. Живеат таквите граѓани со мисла дека токму тие се граѓани од прв ред, а забораваат дека обврската на партијата која е на власт, треба да донесе општо добро во државата и треба да ги штити правата и слободите на граѓаните во сопствената држава. Не треба владејачката партија и нејзиното мнозинство граѓани кои ја изгласале таа партија, на сите други граѓани да гледаат како на злосторници, со цел да ја задржат својата функција (на таков начин функционерите го губат легитимитетот). Граѓаните кои биле во "позиција", штом ќе отидат во опозиција сфаќаат каде им била грешката (дека ниту една власт не е добра, сите се исти. Но штом повторно дојдат на власт, тоа веќе не важи).

Трето, постои и економска поделба. Речиси не постои личност која работите не ги гледа низ призма на корист. Денешново општество е утилитарно (можеби секогаш било), не се виновни граѓаните за брзиот степен на развој и забрзаниот степен на живот, па затоа сакајќи да успеат повеќе во животот им го вртат грбот на сопствените родители, браќа, сестри и пријатели, и се насочуваат кон оние "моќните". Таквите моќници одвај чекаат некоја ситна риба што ќе им се потчини, некој што избегал од стадото и лута сам, затоа одвај чекаат да ја изедат таквата риба. Тогаш, оние неспособните стануваат способни, а способните се онеспособени од неспособните. Поделбата настанува пред се во семејството меѓу своите членови, а потоа од таквата корист се расипуваат пријателствата, заедниците, групите итн. , кога неспособните ги предаваат своите блиски и ги надвладејуваат на некој начин.

Четврто, поделбата се прави и меѓу младината и старите генерации. Младите се движечката сила во општеството. Старите луѓе кои веќе ја преминале шестата декада се сметаат како луѓе од втор ред. Тие се сметаат за потрошена сила, за која нема место во државата. А всушност тие стари луѓе ги донеле на свет сите млади, тие стари луѓе биле "штрковите" кои ги носеле децата. Некултурата и кај едните и кај другите е застапена но, непочитувањето кон постарите е вистинска трагедија. Сепак, не зборам за онаква почит како во Македонија што Владата им обезбедила на старите луѓе високи пензии и бесплатни автобуси скоро секој ден и многу други работи (со цел да гласаат за нив), кога буџетот на РМ не го дозволува тоа.
Потенцирам за онакво почитување кое секој совесен човек ќе го практикува (младите кога ќе видат стар човек на улица да го поздрават, да му помогнат доколку носи тешки кеси во раце, да ги почитуваат предците без разлика кој од каде доаѓа).

Петто, поделеноста оди до онаа граница, каде што се гледаат разликите меѓу Скопје и другите градови во Македонија. Не е само гледиштето на жителите од Скопје дека тие се граѓани од прв ред во државава, туку тоа го сметаат и нашите сограѓани од другите градови (провинција како што ги нарекува некој, а не знаејќи дека и Македонија била провинција во Римскиот период). Сите жители од другите градови се сметаат за граѓани од втор ред, а кога одиме во друга држава, подеднакво сите сме странци (сите сме во друга држава граѓани од втор ред, а тука постои поделба меѓу едните и другите). Патем, не можеме сите да живееме во Скопје, но барем треба да сме еднакви на ниво на држава.

Ние како нација сме поделени. Предавниците, криминалците и злосторниците секогаш се во прв ред, додека сите други граѓани кои немаат желба да одат против својата волја и да го "прљаат" својот углед, се граѓани од втор ред.
Значи, било каде да одиш и да бидеш, секогаш и секаде поделбата ќе постои. Стравот им влегол на луѓето во коски, па повеќе ни комшиите кои живеат во иста зграда или иста улица не се поднесуваат. Луѓето се отуѓуваат од самите себе, токму од страв дека другите ќе им наштетат на нивната среќа и успех. Се повеќе се шири зависта, како вирус се шири, а лекот за таквиот вирус е "RESTART" на денешново општество, и да започне од почеток да се создава!

11 Март,2015

No comments:

Post a Comment