Friday, August 21, 2015

МИГ(РАЦИЈА)

 Мои пријатели, непријатели, роднини, браќа и сестри, просто не можам да се изначудам, никогаш никој не може некому да удоволи нешто.
Полицијата што ја плукате, што правите ѓубре од неа, ве штити од неидентификувани лица кои утре ден може да ве нападнат вас на улица без некој да праша кој, како, зошто го стори тоа?
Од друга страна, ако полицијата не ги обезбедеше граничните премини ќе бевте со истите комплименти, како државата не се грижи за вас и вашата безбедност, како ви се нарушува слободата.
Еве пример (можеби различен, но ќе послужи): да постоеја вонземјани на друга планета, да се соочеше нивната планета со пропаст и исчезнување од секоја мапа што постои, со вселенски ракети да се истовареја на Земјата и да сакаа да продолжат да живеат со вас.
Прво: немате исти јазик.
Второ: немате иста желба за соживот.
Трето: вие не ги сакате нив, тие не ве сакаат вас.
Четврто: животниот стандард ви е под просечно ниво, со знак дека ќе ви опадне уште дупло од тоа што го имате сега.
Петто: тие дојденци се агресивни према цел свет, а така се очекува да бидат и со вас пошто сте дел од цел свет.
Шесто: да ви бараат за кратко време еднакви права како вас, затоа што за кратко време ќе ве надвладеат (п.с. потсетете се од второто и третото набројување)
Седмо: веќе имате видено вакво сценарио (1999 година)
Осмо: ако сте сега граѓани од втор ред, имате шанса да бидете и граѓани од трет ред, според правата кои ќе ги уживате.

Значи, ако во 1999 година се истоварија илјадници луѓе кои ги делеше еден граничен премин, па после 2 години се случи тоа што се случи (од сценарио кое што ние излеговме поразени, со многу жртви), зошто играте повторно на истата карта ?
Знам зошто. Затоа што ниту еден член од вашето семејство не застана да ја брани државата во која живеете, ниту еден член од вашето семејство не бил буден со денови дур вие спиевте мирно. Ниту еден од вас кои сега сте поборници за давање азил и слично, не беше инволвиран во настанот од 2001, а сега глумите поборници за човекови права.
И запрашајте се дали ги знаете правата што ги нуди Европската Конвенција за Човекови Права, па потоа давајте коментари.
Државата треба да даде азил на лице или лица кои доаѓаат од држава каде што е загрозена состојбата, но истата држава може да го одбие истото доколку не е во можност да го стори тоа и доколку се нарушува нејзиниот суверинитет.

Ако ни се случи повторно истото сценарио од 2001 повторно Цацко ќе ви биде крив, така?
Каде ќе одите вие тогаш како мигранти, кога и онака цел свет не не сака?
Мислите дека со вашата "човечност" сега, ќе добиете иста мера на љубезност во иднина?

Ниту во минатото, ниту сега, ниту во иднина не не сакале и нема да не сакаат во странство, тоа запомнете го!

Sunday, May 31, 2015

НОВО ВРЕМЕ СО СТАРИ НАВИКИ (Посткомунистичка/унитарна Македонија)

  Институционализмот во РМ и неговата поделба доведе до транзиција во 90-те години на минатиот век. Македонија го одбра мирниот начин (со референдум) за отцепување од федерацијата, и да воспостави монокамерализам.
Со создавањето на Советот за меѓуетнички односи (во 2001 променет во Комитет за односи меѓу заедниците), како главно тело на Парламентот, ја нагласуваше надмоќта на малцинствата во "унитарната" Република Македонија. Атомизираното општество како да се пресели целосно кај нас. Токму преку работата на овој Совет се искажуваа федералните елементи во посткомунистичка Македонија.
Сепак, иако само Македонија се оддели по мирен пат од Сојузот Југославија, Македонија е сеуште држава во овие 25 години (Босна е идентична) која има насилства, крвопролевање по улиците и терор. Наспроти водење политика во институциите внатре, политиката се префрли вон инститицуиите надвор на улиците. Масата народ треба да одлучува што ќе биде понатаму со државава, што го нагласува воедно и мнозинскиот модел на владеење.
Моделот на консензус речиси е невозможно да се спроведе, иако на моменти делува вистински консензус, но без меѓународно учество во домашните преговори не можеме ни "здраво" да си кажеме, а камо да се решат случаите кои ги засега цела нација.
Токму тешкиот, односно невозможниот начин да се дојде до консензус меѓу елитите кои постојат (пред се македонскиот и албанскиот табор), доведува до строго изразен бинационализам. Пред се, постоењето на постизборни коалиции го усложува овој процес.
Од првите организирани избори во 1990 година до денес, постојат македонско-албански коалиции. И ваквите коалиции, Владата ја направија двојна. Вработувањата во администрацијата се спроведува токму од членовите на партиите кои се на власт, а со тоа се искажува и силниот партикуларизам во државава. Токму таквото водење на сопствен, промотивен интерес, ја задлабочува поданичката политичка култура  од претходниот (тоталитарен) систем, наспроти градењето партиципативна политичка култура.
Во овие институции според Рамковниот договор потпишан во 2001 година, се бара од граѓаните да го почитуваат пропорционалниот принцип за застапеност на етничките групи.
Иако има направено неколку пописи во 1990/1991/1994 година, сеуште Македонците претставуваат речиси 65% од вкупниот дел на населението и претставуваат доминантно население. Албанците претставуваат скоро 30% од вкупното население, додека останатите етникуми заедно претставуваат скоро 10% (со варирање на бројката на Македонците и Албанците).

1990 година (први парламентарни избори): 93 пратеници од македонските партии; 23 пратеници од албанските партии; 2 пратеници од ромските партии , и 2 независни кандидати.
1994 година (втори парламентарни избори): 98 пратеници од македонските партии; 19 пратеници од албанските партии; по 1 пратеник од Србите, Турците и Ромите.
1998 година (трети парламентарни избори): 94 пратеници од македонските партии; 26 пратеници од албанските партии.
2002 година (четврти парламентарни избори): 94 пратеници од македонските партии; 26 пратеници од албанските партии (во оваа Влада за прв пат влегува новоформираната ДУИ во 2001 година).
2006 година (петти парламентарни избори): 92 пратеници од македонските партии; 28 пратеници од албанските партии.
2008 година (шести парламентарни избори): 91 пратеник од македонските партии; 29 пратеници од албанските партии.
2011 година (седми парламентарни избори): овие избори претставуваа предвремени, како и претходните во 2008 година. Со Уставните измени во 2008 година, се гласаше за 123 пратеници во Парламентот (120 пратеници од 6 изборни идеиници по 20 пратеници + 3 пратеници во дијаспората). 98 пратеници од македонските партии, 25 пратеници од албанските партии.
2014 година (осми парламентарни избори): 96 пратеници од македонските партии, 27 пратеници од албанските партии.

Опште земено, во 8 изборни циклуси до сега, имаме 3/4 наспроти 1/4 што покажува на нееднаква распределба на државните места, а воедно и нееднаква пропорционалност.
Пред се, не повикувам на мултиетничка омраза, но бројките кои ги наведов не се совпаѓаат во реалноста. И покрај дадените досега преку 200.000 државјанства на Косовските државјани, бројот на пратениците е сеуште идентичен и по 25 години постоење.
Значи, ни најмалку не ме навредува ниту мене, а ниту сограѓаните на РМ кои сакаат да живеат во стабилна држава, тоа што РМ е мултиетничка држава. Речиси не постои ниедна држава во светов која е хомогена.
Тоа што сите ги загрижува е тиранијата која ја спроведува малцинството, а не како што се вели дека постои мајоризација. И токму ради тоа постои неред и конфликтна ситуација секојдневно.

Македонија штотуку ќе стигне до одредено ниво на консензус, и кога на повидок би било разрешување на транзицијата, веднаш транзицијата ќе почне повторно од почеток и РМ ќе тргне кон патот на консоцијална демократија.
Можеби овој модел не е најдобар начин за Македонија, но строгата децентрализација на локалната самоуправа; малата територија која ја има РМ; пропорционалноста која ја нуди Рамковниот договор (и токму неговото потпишување од Големата коалиција: BМРО, СДСМ, ДПА, ПДП) ја прави Македонија многу блиску до овој модел.
Но, бинационализамот и бипартизмот во Владата тешко го дозволува овој модел. Побрзо би дошло до граѓанска војна во таквата постоечка коалиција, отколку што би се решило за одредени прашања (при постоење на вето на секој поединец од децентрализираните сегменти).
Оваа поделеност на Македонија според политички, економски, социјални, културни, религиозни разлики, повеќе ја прави Македонија држава со федерални, отколку со унитарни елементи.

Ваквата идеја РМ да се консолидира е идеја на САД и ЕУ. Сакајќи да го демократизираат Балаканот, на секој начин и во секој момент се обидуваат да го втемелат ова во македонското општество, па затоа не е ни чудо што Македонија функционира како протекторат (непризнавање на нацијата, името, МПЦ, оспорување на идентитетот од соседните земји).
По барање на САД и ЕУ се создаде Рамковниот договор, и по нивно барање тој се спроведува (овој договор има поголема моќ од Уставот на РМ).

Но, и понатаму ќе ни останат нејасни многу работи, криминали, несмислени феномени. Ќе ни бидат оставени бројки на повидок за да ги разгледуваме и пресметуваме, неможејќи со нив ништо да постигнеме.
И понатаму ќе останеме марионети.
Ќе се промени кон подобро, пред се, кога нашите соседи ќе не прифатат такви како што сме и ќе ни ги отворат преговарачките врати другите земји. До тој ден, ќе се гушиме во ова парче земја кое не сакаме да го дадеме впрочем, а секојдневно го арчиме несвесно.

студент на политички науки

30 векови во кратки црти (ретроспекција до денес)

 Хомер му рече на Хесиод: ти брате појма немаш за што треба да работат луѓето. Ти појма немаш што значи доблес и праведност. Ти појма немаш кој е криминалец, а кој не е.
 Спарта и рече на Атина: ќе те здробам кога ќе те фатам, летово доаѓам на одмор на Пелопонез и ќе гориш во деветиот круг од ,,Пеколот" на Данте, ќе те сотрам и тебе и твоите Атињани...
 Протагора му рече на Горгија: пријателе ти од софистика појма немаш. Оди дома прочитај некоја книга, читни за Господ и за демократијата некоја книга и ќе ти биде јасно што ти зборам.
 Сократ му рече на Платон: ученику не запишувај ништо, паметен пишува- глуп памти. Да ти еб*м демократијата каде што владее маса од луѓе, а не знаат ни носот да си го избришат.
 Платон му рече на Аристотел: бегај на Лезбос каде што има жени, од политика немаш никакво фајде. И не се чукај во гради дека си Хелен, кога после 20 века ќе бидеш повторно истакнат Македонец.
 Филип му рече на Демостен: кучето што лае не каса, стар пријателе. Прибери си го јазикот, да не пратам двајца од ДБК па да лежиш како куче на бетон кога ќе ти го сечат јазикот.
 Епикур им рече на сите претходно споменати: ти ибам апстракцијата, се е создадено од материја. Ама знаете што?
- Ништо не постои!
 Аквински му рече на Августин: човече дај не летај у облаци, симни се на земјава и не халуцинирај за некој друг свет. Ние не можеме да се справиме со овој, па ќе измислуваме друг...
 Папата му рече на царот: додека јас имам капче над главата, ти никогаш нема да бидеш над мене. Ќе дојдеш да се исповедаш, да ми бациш рака и да си платиш црковна такса.
 Бруно му рече на папата: нека патам ако пак те расплачам, нека патам ако пак те повредам.. Ако сум грешел одма нека изгорам..
 Мор му рече на Макијавели: човече дај бе каква Италија, какво соединување, каков бутур. Земи од тревкава да видиш на островов што се дешава. Имаш пијачка и една згодна теткица од мене. А после журката на јахта, ќе продолжиме во некоја дискотека.
 Лок му рече на Хобс: ами ти човече да не си блесав? Каква војна, каков човек на човек волк. Не ти е ова зоолошка. Едноставно е, ги немаш ОНА и ИСИС да ти дестабилизираат поредок. Ќути си, трај си..
 Монтескје му рече на Лок: абе ти си делел власт, ама пак на твоите братучеди им даде да водат држава. Кај ти е судот? Ти стварно си бил табула раса кога си се родил...
 Боден им рече на демократите: луѓе, кралот го боли глава и има проблеми со стомакот, тврда му е столицата. Кога ќе му омекне столицата (во трпезарија) ќе ви се јави и ќе ве побара да дојдете.
 Робеспјер му рече на Русо: фала ти бате, Господ здравје да ти даде и три мушки деца да ти шетаат по дома. Свака ти част за ова што ни го дозволи.
 Маркс му рече на Хегел: овие твоиве почнале да прават фракции у движењево. Ќе те бутнат твоите стари.. Слушај ми го зборот.
 Сорос му рече на Попер: како ти текнувало за побивањето на фактиве, абе за неколку години партал ќе правам низ светов. Ниедна власт нема да биде рамнодушна, кога јас ќе сакам, тогаш јас ќе ја срушам.
 Сталин му рече на Хитлер: ако ме нападнеш и ми го земеш имунитетот мал ќе ти биде Аушвиц. Низ цел Нирнберг ќе те барам и главата од бетон ќе ти ја мавам, куче касапско!
 Тачер му рече на Реган: јас сум челична.. Дали тоа значи дека сум од челик?
 Милошевич му рече на Тито: шефе дај оди си од власт, сакам и јас малку да си кренам акции.. Па може некој акционер ќе ме купи, само да не биде од Хаг...
 Глигоров му рече на Кљусев: нема леб тука, не ја оправуваме државава. Читнав имало work and travel, се патувало во Америка. Батка сместувањето и три оброци ни се платени.
 Груевски на Црвенковски му рече: фала што се тргна од премиер, ама да знаеш не ти требаше тоа. Фала што ми остави полна каса државни пари, ама ветувам ако ја славиш куќна слава Св. Никола, со Ставре ќе купиме чоколади на сите деца што ќе дојдат кај тебе.
 Заев му рече на Груевски: има да ве стрпам во затвор, има со бомба да ве разнесам. Ќе ве хранам само со корнишони и моркови, за да гладувате и вие фашисти.. Ќе ви го изградам Идризово во барок стил, за да може да уживате од напорната работа што ја имавте.

30 Mart,2015

Граѓани од "сребрениот род"

Велат, немој да одиш сине во друга држава, немој да одиш далеку од овој дом, зарем сакаш таму да бидеш граѓанин од втор ред?
Зарем сакаш таму да бидеш никој и ништо, никогаш да не видиш бел ден, дури пред тебе ќе го гледаш населението од прв ред како живее на "висока нога", како на лесен начин ги задоволуваат своите потреби. Немој да одиш таму, па знаеш ли ти колку е тешко да живееш сам, колку е тешко да се снајдеш во друга држава? -Вистина е, тешко е секогаш кога си отфрлен, угнетен и запустен. Тешко е кога си странец и во друга и во сопствена држава.
Ќе почнам по ред..
Кога си во Македонија повторно има моменти кога си граѓанин од втор ред.

Прво, основната етничка поделеност во оваа земја (владење според национални чувства), каде што секогаш постојат граѓани од прв и од втор ред во таков случај (пр. при добивање работно место; секогаш подобра работна позиција добива оној кој е иста националност или припадник на иста група или заедница со шефот, работодавецот, министерот итн.)

Второ, партиската поделеност го гуши животот на граѓаните. Во овој случај, секогаш додека постои "позиција-опозиција" и додека на непосредни избори со изгласување мнозинство од страна на народот, доаѓа на власт една партија која е во "позиција". Граѓаните кои ги покажале своите симпатии кон "опозицијата" или кон помала партија (макар и да коалицира со владејачката), тие воедно стануваат граѓани од втор ред.
Полошо е за оние кои воопшто не зеле учество во изборниот циклус и не гласале за ниедна партија. Таквите граѓани се додека не гласаат на избори иако може да покажуваат симпатии кон една партија, осудени се во целиот тој период да бидат етикетирани како "опозиција". Повторно и таквите граѓани кои не биле политички филтрирани, заедно со гласачите на опозицијата се граѓани од втор ред. Оние кои се во позиција се чукаат во гради сметајќи дека, штом го дале гласот за владејачката партија и таа дур е на власт, тие слободно можат да живеат како деспоти. Таквото добивање сила кај оние што го дале гласот за "позицијата" доведува до правење поделби меѓу населението. Живеат таквите граѓани со мисла дека токму тие се граѓани од прв ред, а забораваат дека обврската на партијата која е на власт, треба да донесе општо добро во државата и треба да ги штити правата и слободите на граѓаните во сопствената држава. Не треба владејачката партија и нејзиното мнозинство граѓани кои ја изгласале таа партија, на сите други граѓани да гледаат како на злосторници, со цел да ја задржат својата функција (на таков начин функционерите го губат легитимитетот). Граѓаните кои биле во "позиција", штом ќе отидат во опозиција сфаќаат каде им била грешката (дека ниту една власт не е добра, сите се исти. Но штом повторно дојдат на власт, тоа веќе не важи).

Трето, постои и економска поделба. Речиси не постои личност која работите не ги гледа низ призма на корист. Денешново општество е утилитарно (можеби секогаш било), не се виновни граѓаните за брзиот степен на развој и забрзаниот степен на живот, па затоа сакајќи да успеат повеќе во животот им го вртат грбот на сопствените родители, браќа, сестри и пријатели, и се насочуваат кон оние "моќните". Таквите моќници одвај чекаат некоја ситна риба што ќе им се потчини, некој што избегал од стадото и лута сам, затоа одвај чекаат да ја изедат таквата риба. Тогаш, оние неспособните стануваат способни, а способните се онеспособени од неспособните. Поделбата настанува пред се во семејството меѓу своите членови, а потоа од таквата корист се расипуваат пријателствата, заедниците, групите итн. , кога неспособните ги предаваат своите блиски и ги надвладејуваат на некој начин.

Четврто, поделбата се прави и меѓу младината и старите генерации. Младите се движечката сила во општеството. Старите луѓе кои веќе ја преминале шестата декада се сметаат како луѓе од втор ред. Тие се сметаат за потрошена сила, за која нема место во државата. А всушност тие стари луѓе ги донеле на свет сите млади, тие стари луѓе биле "штрковите" кои ги носеле децата. Некултурата и кај едните и кај другите е застапена но, непочитувањето кон постарите е вистинска трагедија. Сепак, не зборам за онаква почит како во Македонија што Владата им обезбедила на старите луѓе високи пензии и бесплатни автобуси скоро секој ден и многу други работи (со цел да гласаат за нив), кога буџетот на РМ не го дозволува тоа.
Потенцирам за онакво почитување кое секој совесен човек ќе го практикува (младите кога ќе видат стар човек на улица да го поздрават, да му помогнат доколку носи тешки кеси во раце, да ги почитуваат предците без разлика кој од каде доаѓа).

Петто, поделеноста оди до онаа граница, каде што се гледаат разликите меѓу Скопје и другите градови во Македонија. Не е само гледиштето на жителите од Скопје дека тие се граѓани од прв ред во државава, туку тоа го сметаат и нашите сограѓани од другите градови (провинција како што ги нарекува некој, а не знаејќи дека и Македонија била провинција во Римскиот период). Сите жители од другите градови се сметаат за граѓани од втор ред, а кога одиме во друга држава, подеднакво сите сме странци (сите сме во друга држава граѓани од втор ред, а тука постои поделба меѓу едните и другите). Патем, не можеме сите да живееме во Скопје, но барем треба да сме еднакви на ниво на држава.

Ние како нација сме поделени. Предавниците, криминалците и злосторниците секогаш се во прв ред, додека сите други граѓани кои немаат желба да одат против својата волја и да го "прљаат" својот углед, се граѓани од втор ред.
Значи, било каде да одиш и да бидеш, секогаш и секаде поделбата ќе постои. Стравот им влегол на луѓето во коски, па повеќе ни комшиите кои живеат во иста зграда или иста улица не се поднесуваат. Луѓето се отуѓуваат од самите себе, токму од страв дека другите ќе им наштетат на нивната среќа и успех. Се повеќе се шири зависта, како вирус се шири, а лекот за таквиот вирус е "RESTART" на денешново општество, и да започне од почеток да се создава!

11 Март,2015

СМРТ НА ДЕМОКРАТИЈАТА

Ненадејно, од непознати причини, почина демократијата.. Бог нека ја прости, лесна нека и е земјата, еве палиме свеќа за неа.
Обдукцијата го покажа следново:
Демократијата која во Македонија беше речиси во зрели години (25 години), на катастрофален начин го загуби својот живот.

Прво: Ја киднапирале 15тина луѓе кои не носеле маски на лицето (туку биле 'дволични', некои и 'тролични'), киднаперите се менувале на одреден период години и ја држеле во сенка, без да биде ослободена.
За откуп барале висока сума, па граѓаните со сите сили плаќале високи кауции (даноци), но цената раснела секој нареден месец, а демократијата не била ослободена.

Второ: Ја малтретирале киднаперите, но иако толку изнемоштена сепак издржувала на нозе. Киднаперите пред јавноста, пред оние што требало да ја откупат, велеле дека демократијата не сака да си замине од нивни раце и да биде ослободена, туку убаво ја чувале тие 15тина, многу поубаво од мнозинството.
Знаеле граѓаните дека киднаперите лажат, им се познавало во очите дека лажат, но сепак имале искра надеж дека киднаперите се во право.

Трето: Откако кауцијата станувала се поголема, граѓаните повеќе не изразувале желба за откупување на демократијата од ропство. Немале средства откупувачите сами да се прехранат, да преживеат, па затоа ја изгубиле желбата за одлободување на демократијата.
Киднаперите револтирани од неплаќањето на граѓаните (и онака цело време од таа кауција се богателе киднаперите), почнале "ќотекот" да го зголемуваат врз демократијата, а почнале да вршат закани и врз граѓаните.
- И ги скршиле рацете да не може да ги допре граѓаните повторно, да не може да им пише на лист дека е при крајот со силата.
И ги скршиле нозете да не може да мрда од место и ја ставиле во инвалидска количка. И го пресекле јазикот, да не може да каже ништо во своја одбрана. Неколку дена подоцна ги извадиле органите, па ја ставиле да живее приклучена на апарати.

Откако поминала една година од таквиот терор извршен врз неа, граѓаните изреволтирани но облеани со страв, прифатиле да биде исклучена од апарати, да не се мачи повеќе... Така, околу полноќ, демократијата била исклучена од апарати, подлегнала на болките.

Граѓаните се запрепастени од вакиот настан и бараат судот да донесе правилна одлука, а доколку одлуката не биде правилна, тие во чест на демократијата ќе се организираат во групи и движења, ќе излезат на улица да го искажат својот револт, бидејќи без демократијата се како пресечени без поредок.

6 Април,2015

СОВРЕМЕНИОТ МАКЕДОНЕЦ

Живееме на периферија од Европа (иако во центарот на Балканот), но живееме на периферија затоа што сме отфрлени од другите. Живееме во место кое изобилува со природни богатства, но без домашни богатства за преживување (пари). Живееме во барикада (како берлинскиот ѕид) и со секој излез од државава не враќаат од таму каде што тргнавме. Можеби имаме право 3 месеци да престојуваме во друга држава, но и некои држави прават проблем за пасошот и нашиот идентитет.

Ни прават проблем зашто сме од Македонија, ни прават проблем зашто сме поган народ, не мразат затоа што ние сме дружељубив народ, плукаат по нас бидејќи немаат по кого, прават СЕ против нас- затоа што тие така сакаат. А ние кутрите, како ќе ни наредат- така правиме.
Ако ни речат нема ЕУ-тогаш нема. Ако ни речат дека сме прости и немаме квалитетно образование- повторно преќутуваме. Ако речат дека сме идиоти од прв до последен- повторно премолчуваме. Речиси секој има изградено став дека традицијата ни налага да спуштиме глава пред моќта (наведната глава, сабја не сече!). Но, тоа не треба да биде предуслов за современиот Македонец. Најголема пропаст е кога сами се сожалуваме, а не менуваме ништо и не превземаме за доведување до промена.
Сакаме високи плати-треба да се избориме. Сакаме повеќе слобода-треба да се избориме. Сакаме нешто што ни следува- треба да го земеме.
Според мене треба во образовниот процес (основно образование) да ги воведат граѓанските права кои ги ужива граѓанинот на РМ (освен слобода, живот и сопственост и другите права).

Единствениот виновник за ваквата ситуација е власта и никој друг. Единствени манипулатори во ваква тешка состојба на граѓаните се властодржците. Тие доведоа до ова ниво, каде луѓето на "црно" се обидуваат да избегаат некаде далеку (со желба никогаш да не се вратат).

Но, да не должам многу.
Современиот Македонец пред се, плива во долгови, неплатени рати, огромни камати, итн.
Современиот Македонец кој има 200 денари во џеб, се смее на келнерот- зошто е келнер.
Современиот Македонец и без да види, доволно е да слушне за да знае се.
Современиот Македонец е поугнетен повеќе од било кога.
Современиот Македонец го губи својот идентитет на сметка поради срамот да се искаже дека е Македонец.
Современиот Македонец му врти грб на својот роднина/пријател кога му е најтешко.
Современиот Македонец го бара стариот пријател само кога има потреба од него.
Современиот Македонец не гледа низ призма на пријателство, туку низ призма на материја.
Современиот Македонец легнува доцна и се буди со цел дека преку ноќ ќе стане богат.

Значи, Македонецот во XXI век, не е ништо повеќе од Македонците од почетокот на XX век. Државата ни е слободна (иако турски серии не уништија), сепак сите сме прогонети ако имаме различен јавен став од власта. Иако сме слободни, ние не припаѓаме кон ниту еден сојуз (ЕУ; источноазиски режим), па во тој случај ако утреден настаниве во светов доведат до некоја војна со голем размер, ние ќе ја изгубиме и оваа територија и ќе станеме вазали на нашите соседи или пак ќе бидеме во составот на Илирида, па ќе молиме за да добиеме некое основно човеково право. Но, доцна ќе ни биде тогаш.. Ако војната се случи понатаму и ние тоа не го видиме, тогаш ќе го видат и доживеат оние после нас. Ќе бидат третирани како Македонците во Егејскиот, Пиринскиот или Вардарскиот дел пред и по светските војни, но нема каде да одат.

Ни бега возот, наместо да го стигнеме, ние сеуште стоиме на перонот број 0, не знаејќи кого чекаме и зошто чекаме.

6 April,2015

СО СЕКОЈА ЖРТВА ГУБИМЕ НИЕ ГРАЃАНИТЕ

Се изначитав денес статуси, постови, коментари, критики, мудрувања за случувањата во Куманово и воопшто во Македонија.
Прво: Не ги мешајте протестите пред Влада и Собрание со случката денес. Т.е. секој има право да направи протест и тоа е гарантирано со Уставот на РМ. Секој протест каде што протестантите даваат цвеќе на оние кои го надгледуваат протестот, тоа е знак на благодарност и мирен протест. На протестите кои беа организирани за Мартин Нешковски, ако сте заборавиле, и по неговото убиство имаше толпа народ кои бараа да се обелодени таквото убиство. На овие протести сега имаше илјадници граѓани на РМ, кои немаат никаква партиска функција а најмалку државна функција, граѓани кои одвај преживуваат со 10 илјади денари.
Не можете на таквите граѓани да им препишете одговорност, и тие демонстранти кои што се однесувале вандалистички пред државните институции нека одговараат за тој настан во нивно име и тоа што тие го направиле, а не да се поврзуваат 10.000 луѓе за нешто што направиле 20 луѓе.
Второ: Конфликтот денес во Куманово е кобен. Но, со кое право сите фејсбукчии и порталисти зборат за денешниот конфликт со протестот поврзан со Мартин Нешковски.
Зошто сакате едно убиство да префрлите со друго убиство? Зошто само во Македонија убиствата остануваат без разрешување? Зошто Македонија претставува Бермудски Триаголник и сите нешта тука згаснуваат? Зошто трупи од Косово дошле на територија на Македонија, а воедно правеле скандали?
- Кој им дал право на тие Косовари да дојдат на територија на Македонија и зошто со оружје успеале да се сместат во Куманово без да знае некој друг од властите во Македонија? Дали на територија на Македонија се спремни премногу групи и можат да дејствуваат во секое време?
Зошто Албанците се мешаат со терористички групи и војуваат кога тоа не е потребно и правата кои ги имаат во голема мера им се исполнети?

Но, нешто што ме мачи е всушност убиството денес на тројца бранители на Македонија. Познато е и во 2001, македонските бранители не добија никаква заслуга за тоа што ја бранеа Македонија. Македонските бранители изгубија иако имаа подобра ситуација тогаш, македонските бранители губат и денес иако имаат подобра ситуација.
И ако целта беше да се воведе страв кај македонските граѓани, еве да напоменеме дека стравот е воведен. Кој поголем страв е од жртви во државата, и која е целта на предизвикувањето страв?

Убаво рече Љубчо Георгиевски, личност која поминал една граѓанска војна и кој беше на власт во 2001. Нека се случи таа преодна влада, и нека се амнестираат сите политичари кои се умешани во криминалот, за да нема повеќе жртви во Македонија. Најдобро е да се спречи, пред да се лечи. И навистина, нека се амнестираат сите политичари, доста им е на граѓаните од војни и конфликти, доста им е на граѓаните заплашување, доста им е на младите во Македонија да гледаат само војни и убиства, без да можеме да видиме еден ден поубаво. Ете, поради ова губиме секогаш кога настанува конфликт, поради ова бегаме од државава, поради ова сме најзапустена држава на Балканов и во Европа.

А оние кои зборат за бранителите на Македонија, доста префрлате по фејсбук кој требало да оди во Куманово да се бори и кој не требало. На граѓаните местото ни е во нашиот дом, а не на бојно поле. И бранителите се нечии родители и синови, и тие имаат дом каде што треба да одат на крајот на денот, а не им е домот на гробишта! Оставете ги оние кои сакаат да протестираат, не ги присилувајте да прават терор врз полицајците, бидејќи и полицајците се луѓе и се граѓани на РМ. Оставете им го правото на оние што протестираат да го искажат својот револт.

Доказ: Дали ќе им се суди и по кој принцип ќе им се суди на оние кои денес беа уапсени во акцијата во Куманово, дали ќе им се суди по најстроги критериуми и дали ќе заглават во затвор во Македонија без можност да бидат екстрадирани од таму каде што потекнуваат?
- Видете како ќе се одвиваат настаните, ќе сфатите дека од сето ова денес ќе испадне едно големо НИШТО, само еден куп повредени од бранителите!

 Апелирам до граѓаните на РМ да не паѓаат на провокации, а воедно и да не прават провокации и да создаваат поголем конфликт.

9 Мај,2015

МАКЕДОНИЈА ВО ФОКУСОТ НА ЕУ И СВЕТСКАТА ЈАВНОСТ

Случувањата во РМ биле во фокусот на европската и на светската јавност.
Е ај да не бидат.. Нека изгинеме сите, па тогаш да се сврти фокусот ако не?!

И историски гледано, Македонците секогаш се обидувале да дејствуваат со цел да дознае Европа и светот за случувањата тука, а потоа како бумеранг ни се враќале поделбите кои Македонија ја направија држава со мала квадратура, на наша штета се зголемија соседните држави и направија големи кралства. Но, таквите идеи ги имаат сеуште, па не ми се верува дека тие империјалистички идеи соседниве држави некогаш ќе ги отфрлат. Згора над се, тие добиваат подршка од Европа и од светов, а ние добиваме само услов како да постапиме во тешки моменти (365 дена од годината за нас се тешки).
Како акционерско друштво да е Македонија, па да им ги дели териториите во вид на акции на соседните држави.
Ни се смеат другите народи кога ќе се претставиме дека сме Македонци, не плукаат веднаш штом ќе слушнат дека сме од Македонија.
Има едно нешто, а тоа се вика национален интерес. Тоа е за целата јавност, а државниците требаше во овие 25 години независна држава да се водат според тој национален интерес и да го зачуваат интегритетот на државата, па доколку може и нешто да се ќари на геополитички план.
Но, ова е мизерија.
Читам порталиве од Бугарија, Србија, Хрватска, па и некои од ЕУ, велат дека ова е почетокот од крајот на РМ. Како Македонец не можам да го поднесам тоа, едноставно не сакам да го поднесам ова омаловажување. А патриотизам не можеме да глумиме, кога во денешно време, во 21 век, не смее да игра главна улога пушката, туку треба информациите и образованоста на луѓето, треба консензусот да игра главна улога како најмоќно средство на демократијата.
Но, овде во 21 век не постои демократија.
Исчезна демократијата, наспроти личните интереси. Исчезнуваме како нација, наспроти личните интереси. Не тепаат како стока, поради негарантирањето на граѓанските права. Живееме во страв, затоа што така ни налага системот.

Сега сфаќам зошто Александар Македонски треба да го гледаме како светец.
После него, Македонија веќе никогаш не виде спокој. По него, Македонија цело време е под ропство, а овие 25 години Македонија талка во амбисот, не може да го најде излезот и да ни воведе мир и спокој на нас граѓаните.
Македонија по Александар е осудена на губење територии, осудена е да прави отстапки од своите граници, за да бидат другите задоволни.
Задоволни се сите други, само ние граѓаните се отуѓивме од ова парче земја, не отуѓија високите даноци, не отуѓи начинот кој не можеме да просперираме во сопствена држава, не отуѓи начинот дека ја губиме државата и нашите домови за висока сума пари, не прокнижи модерниов свет, не уништи глобализацијата. Се покажуваме немоќни да издржиме на нозе и да дејствуваме позитивно.

А имаме сите граѓани една желба: Да живееме во онаква Македонија каква што ја сонуваа нашите предци, и за која се бореа нашите предци. Силна, единствена, ВЕЧНА МАКЕДОНИЈА!!

12 Мај,2015

ДОБАТА НА ТРАНЗИЦИЈАТА

Транзицираме долг период, транзицираме со години, транзицираме од луѓе во нелуѓе, транзициравме од тоталитаризам во демократија (1991 год.), а транзицираме сега во нешто полошо. Сврти се на било која страна, сеуште е исто. Се е исто, непроменето. Ни ден светлина носи, ни ноќ радости буди. Гориме долги години во огин, и наместо вода- само бензин ставаме се повеќе и повеќе. Гориме, а сме толку јаки и цврсти, ќе гориме се дур пепел не се сториме.
Се чукаме в гради, се силиме на своите;  а од туѓото стравуваме, на туѓото се предаваме. Се колеме меѓу себе, се колеме везден.. Не колат и другите, само не признаваме!
Се поделивме на наши и ваши, на патриоти и кукавици, на крадци и поштени, а нема никаков абер. Ние се делиме, а другите се сплотуваат; ние не сакаме очи да си видиме, а другите се прегрнуваат.

Ми текнува на позитивните резултати на репрезентацијата на РМ (ракомет, кошарка), ми текнува на денот на знамето, јазикот, независноста на РМ (што еднаш годишно се слави), кога сите граѓани излегувавме низ сите делови од Републикава и ги прославувавме тие моменти. Ете, тоа е сплотеност бре луѓе, а не е сплотеност спиење по улиците, спиење во шатори за докажување "патриотизам" (иако протестите се гарантирани со Устав).

Ова што денес се случува е надвор од контрола.
И секој нареден ден за нас е транзиција.. Се будиме во транзиција, легнуваме во поголема транзиција.
Со мала територија како што е РМ и нејзините природни богатства и неискористена работна сила што ја има, до сега требаше да напредуваме најмногу од сите земји на Балканов. Требаше да бидеме лидер (како што тоа се вели) меѓу земјите кои го напуштија еднопартискиот систем, да спроведуваме економија во солидни размери, а минималната плата по работник требаше да достигнува барем 25-28.000 денари.
Требаше МНОГУ да постигнеме, но го избегнавме и тоа МНОГУ. Се надминавме самите, се надминуваме во се поголеми долгови.

Чекаме на ЕУ и САД да ни помогнат да излеземе од кризава, а токму тие ја наметнаа кризава во РМ.
-Исто како да оставите клуч од вашиот дом на некој крадец да ви ја чува, а вие да бидете отсутни еден месец, а потоа од истата личност да барате да ви помогне да ги најдете оние луѓе кои ви го опљачкале домот.
-Или пак, ние да им носиме одлуки на САД, за да излезат од нивната економска криза.

Ако сакаме да се реши кризава во РМ која трае веќе 25 години, пред се, треба да се намали партиското и политичкото влијание, да се остават граѓаните да размислуваат слободно. Неопходно е чистење на институциите од криминал, бидејќи наликуваат на "дувло" каде што минува сиот криминал.
Оставете ги граѓаните да живеат спокојно, а вашите валкани криминали решавајте ги судски (ако не можете во РМ, тогаш решете ги во Стразбург).
Но, каде и да ги решавате проблемите, нека ги решаваат судии кои се неутрални и непристрасни кон ниедна политичка партија, судии кои се способни да ја извршуват својата функција, а не да решаваат за Македонија амбасадори, пратеници од ЕП или некои членови на обични Парламентарни комисии надвор од РМ. Да можеа да решат толку лесно тие претставници, попрво ќе најдеа начин да ни помогнат да влеземе во ЕУ, а немаше да дозволат да дојдеме до ова ниво!

19 Мај,2015