Sunday, May 31, 2015

НОВО ВРЕМЕ СО СТАРИ НАВИКИ (Посткомунистичка/унитарна Македонија)

  Институционализмот во РМ и неговата поделба доведе до транзиција во 90-те години на минатиот век. Македонија го одбра мирниот начин (со референдум) за отцепување од федерацијата, и да воспостави монокамерализам.
Со создавањето на Советот за меѓуетнички односи (во 2001 променет во Комитет за односи меѓу заедниците), како главно тело на Парламентот, ја нагласуваше надмоќта на малцинствата во "унитарната" Република Македонија. Атомизираното општество како да се пресели целосно кај нас. Токму преку работата на овој Совет се искажуваа федералните елементи во посткомунистичка Македонија.
Сепак, иако само Македонија се оддели по мирен пат од Сојузот Југославија, Македонија е сеуште држава во овие 25 години (Босна е идентична) која има насилства, крвопролевање по улиците и терор. Наспроти водење политика во институциите внатре, политиката се префрли вон инститицуиите надвор на улиците. Масата народ треба да одлучува што ќе биде понатаму со државава, што го нагласува воедно и мнозинскиот модел на владеење.
Моделот на консензус речиси е невозможно да се спроведе, иако на моменти делува вистински консензус, но без меѓународно учество во домашните преговори не можеме ни "здраво" да си кажеме, а камо да се решат случаите кои ги засега цела нација.
Токму тешкиот, односно невозможниот начин да се дојде до консензус меѓу елитите кои постојат (пред се македонскиот и албанскиот табор), доведува до строго изразен бинационализам. Пред се, постоењето на постизборни коалиции го усложува овој процес.
Од првите организирани избори во 1990 година до денес, постојат македонско-албански коалиции. И ваквите коалиции, Владата ја направија двојна. Вработувањата во администрацијата се спроведува токму од членовите на партиите кои се на власт, а со тоа се искажува и силниот партикуларизам во државава. Токму таквото водење на сопствен, промотивен интерес, ја задлабочува поданичката политичка култура  од претходниот (тоталитарен) систем, наспроти градењето партиципативна политичка култура.
Во овие институции според Рамковниот договор потпишан во 2001 година, се бара од граѓаните да го почитуваат пропорционалниот принцип за застапеност на етничките групи.
Иако има направено неколку пописи во 1990/1991/1994 година, сеуште Македонците претставуваат речиси 65% од вкупниот дел на населението и претставуваат доминантно население. Албанците претставуваат скоро 30% од вкупното население, додека останатите етникуми заедно претставуваат скоро 10% (со варирање на бројката на Македонците и Албанците).

1990 година (први парламентарни избори): 93 пратеници од македонските партии; 23 пратеници од албанските партии; 2 пратеници од ромските партии , и 2 независни кандидати.
1994 година (втори парламентарни избори): 98 пратеници од македонските партии; 19 пратеници од албанските партии; по 1 пратеник од Србите, Турците и Ромите.
1998 година (трети парламентарни избори): 94 пратеници од македонските партии; 26 пратеници од албанските партии.
2002 година (четврти парламентарни избори): 94 пратеници од македонските партии; 26 пратеници од албанските партии (во оваа Влада за прв пат влегува новоформираната ДУИ во 2001 година).
2006 година (петти парламентарни избори): 92 пратеници од македонските партии; 28 пратеници од албанските партии.
2008 година (шести парламентарни избори): 91 пратеник од македонските партии; 29 пратеници од албанските партии.
2011 година (седми парламентарни избори): овие избори претставуваа предвремени, како и претходните во 2008 година. Со Уставните измени во 2008 година, се гласаше за 123 пратеници во Парламентот (120 пратеници од 6 изборни идеиници по 20 пратеници + 3 пратеници во дијаспората). 98 пратеници од македонските партии, 25 пратеници од албанските партии.
2014 година (осми парламентарни избори): 96 пратеници од македонските партии, 27 пратеници од албанските партии.

Опште земено, во 8 изборни циклуси до сега, имаме 3/4 наспроти 1/4 што покажува на нееднаква распределба на државните места, а воедно и нееднаква пропорционалност.
Пред се, не повикувам на мултиетничка омраза, но бројките кои ги наведов не се совпаѓаат во реалноста. И покрај дадените досега преку 200.000 државјанства на Косовските државјани, бројот на пратениците е сеуште идентичен и по 25 години постоење.
Значи, ни најмалку не ме навредува ниту мене, а ниту сограѓаните на РМ кои сакаат да живеат во стабилна држава, тоа што РМ е мултиетничка држава. Речиси не постои ниедна држава во светов која е хомогена.
Тоа што сите ги загрижува е тиранијата која ја спроведува малцинството, а не како што се вели дека постои мајоризација. И токму ради тоа постои неред и конфликтна ситуација секојдневно.

Македонија штотуку ќе стигне до одредено ниво на консензус, и кога на повидок би било разрешување на транзицијата, веднаш транзицијата ќе почне повторно од почеток и РМ ќе тргне кон патот на консоцијална демократија.
Можеби овој модел не е најдобар начин за Македонија, но строгата децентрализација на локалната самоуправа; малата територија која ја има РМ; пропорционалноста која ја нуди Рамковниот договор (и токму неговото потпишување од Големата коалиција: BМРО, СДСМ, ДПА, ПДП) ја прави Македонија многу блиску до овој модел.
Но, бинационализамот и бипартизмот во Владата тешко го дозволува овој модел. Побрзо би дошло до граѓанска војна во таквата постоечка коалиција, отколку што би се решило за одредени прашања (при постоење на вето на секој поединец од децентрализираните сегменти).
Оваа поделеност на Македонија според политички, економски, социјални, културни, религиозни разлики, повеќе ја прави Македонија држава со федерални, отколку со унитарни елементи.

Ваквата идеја РМ да се консолидира е идеја на САД и ЕУ. Сакајќи да го демократизираат Балаканот, на секој начин и во секој момент се обидуваат да го втемелат ова во македонското општество, па затоа не е ни чудо што Македонија функционира како протекторат (непризнавање на нацијата, името, МПЦ, оспорување на идентитетот од соседните земји).
По барање на САД и ЕУ се создаде Рамковниот договор, и по нивно барање тој се спроведува (овој договор има поголема моќ од Уставот на РМ).

Но, и понатаму ќе ни останат нејасни многу работи, криминали, несмислени феномени. Ќе ни бидат оставени бројки на повидок за да ги разгледуваме и пресметуваме, неможејќи со нив ништо да постигнеме.
И понатаму ќе останеме марионети.
Ќе се промени кон подобро, пред се, кога нашите соседи ќе не прифатат такви како што сме и ќе ни ги отворат преговарачките врати другите земји. До тој ден, ќе се гушиме во ова парче земја кое не сакаме да го дадеме впрочем, а секојдневно го арчиме несвесно.

студент на политички науки

No comments:

Post a Comment